Пукната цевка од парно ја поплави Клиниката за токсикологија

од Nikola Popovski
238 прегледи

Синоќа на Клиниката за токсикологија во Скопје дошло до поплава откако пукнала цевка од парно на третиот кат. Како што пристигнуваат информации од Клиниката, водата истекла надолу, се до подрумските простории.

Од Министерството за здравство потврдиле дека ноќеска имало пукнала цевка од парно, но дека проблемот бил веднаш саниран. Нема штета на медицинската опрема и нема штета во простории во кои се згрижуваат пациенти, но мокри се таваните и ѕидовите.

Од пред неколку дена почнаа превирањата на Клиниката откако вработените изнесоа серија обвинувања за организациската директорка Бесија Иљази, за која тврдат дека донела дезорганизација на Клиниката. Иљази покрај тоа што за два месеци раководење го зголемила долгот на клиниката за два милиони денари, не доаѓала на работа. Ова се само дел од низата обвинувања од страна на вработените.

Професорот и долгогодишен доктор на Клиниката, Нико Беќаровски придружуван од други лекари, соопшти дека најголем проблем со кој во моментов се соочува институцијата е функционирањето на лабораторијата.

„Секој кој малку разбира токсикологија, знае дека токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментов таму функционира само еден лаборант“, појасни тој на прес-конференција.

Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка. Се жалат на отпор и несоработка од страна на Иљази. Беќаровски тврди дека во неколку наврати било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, но директорката инсистирала да се вработат 18 лица кои претходно биле примени со договор на дело, а на кои им истекле договорите.

По извршениот вонреден инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во Токсикологија, кој востанови дека 11 лица незаконски работеле со пациенти и давале здравствени услуги и покрај тоа што биле без договори за ангажман, а дел од нив и без соодветно образование, Министерството за здравство (МЗ) со став дека за случајот со Токсикологија ќе се постапи, согласно добивањето на заклучоците од инспекциските надзори.

Министерот за здравство, пак, Илир Демири, рече дека немал замерки, ниту имало пропусти за работењето на директорката и најави разрешување на медицинскиот директор д-р Данил Петровски.

Во однос на информациите дека организациската директорка доаѓала на работното место само по четири часа, Демири најави дека инспекциските служби ќе треба да го утврдат тоа и рече дека доколку е вистина ќе ја разреши Иљази.

За новоназначената економска директорка веќе беше објавено дека не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки вработени во оваа клиника.

Слични содржини