Со промотивно возење на релацијата Скопје – Велес денеска e пуштен во сообраќај нов електромоторен воз на Македонски железници АД Транспорт, набавен од кинеската компанија ЦРРЦ, прв од шесте патнички возови набавени со владиниот проект за обнова на возниот парк на железницата.
Новиот воз е со капацитет за 200 патници, со електронска табла за управување, камери наместо ретровизори, монитори за кабината на машиновозачот, климатизирани вагони, електронски дисплеи за означување на станиците, вакуум-тоалети…Изработен е согласно техничките стандарди за интероперабилност на ЕУ.
– Тековните проекти за купување нови возови и вагони, за реновирање на железничките станици, на халите за одржување, како и за обнова и изградба на нови железнички пруги, посочи премиерот, претставуваат вкупна инвестиција вредна 600 милиони евра. Вакви капитални инвестиции во Железницата не се направени повеќе од 30 години наназад. Со истото темпо продолжуваме и во наредниот период, рече премиерот Никола Груевски.
Денес, потенцира Груевски, е историски ден за македонскиот железнички превоз затоа што е помината цела една историја во која никој не се погрижил да набави нови возови за македонските граѓани. Не се потребни многу зборови, туку само да ги видиме старите возови на шините и новиот кој денес го ставаме во употреба. Разликата е навистина многу голема, потенцира Груевски.
Новиот воз, истакна, е првиот од повеќето нови модерни возови со кои ќе се обнови возниот парк на Железницата, капитална инвестиција од 25 милиони евра, обезбеди преку Европската банка за обнова и равзој. Претходно како дел од проектот беа набавени нови 150 товарни вагони, инвестиција од 13 милиони евра.
Со новите возови, како што рече Груевски, ќе бидат покриени околу 60 проценти од линиите во патничкиот сообраќај, што директно значи поудобен и поквалитетен превоз на патниците. – Владата веќе разработува план за набавка на вакви возови и за останатите 40 проценти од линиите во Македонија. Како продолжение на нашите инвестиции во железницата во подготовка сме на набавка на три нови локомотиви, а веќе склучивме и договор за реконструкција на халите за одржување на возовите, посочи премиерот Груевски.
.
