„Денеска го пуштивме во употреба модуларниот КОВИД центар во гостиварската болница, каде ќе има најсовремен рентген апарат и ЕХО апарат со сите потребни сонди за преглед на пациенти“, објави министерот за здравство, Венко Филипче.
Според него, во моментов, здравствената состојба во Гостивар е стабилна, но граѓаните мора да продолжат со почитување на мерките за заштита.
„Условите во болницата ги подобривме. Реновирани се операционите сали, а наскоро ќе биде реновирано и интерното одделение. Годинава, за првпат установата добива и апарат за магнетна резонанца. Коронавирусот ни докажа дека јавното здравство е едно од столбовите во општеството. Со вложување и подобрување на состојбите продолжуваме и понатаму“, истакна Филипче, додавајќи дека ова е модел којшто го имплементираат во буквално сите градови во државата.
„Користиме болнички капацитет кој има 35 кревети, а целосно е опремен со медицинска опрема. Треба да пристигне и најсовремениот рентген апарат и ЕХО апаратот со сите потребни сонди за преглед, со што ќе го направи овој центар сосем соодветен за третман на сите КОВИД пациенти, а во некои други услови да продолжи да служи како тријажен или ургентен центар“, потенцираше Филипче.