Двајца мажи и две жени кои со камења ја нападнаа канцеларијата на македонскиот културен центар во Благоевград „Никола Вапцаров“ се пуштени од притвор без поднесена пријава, пишуваат бугарските медиуми.
Интересно е што двајца од нив се вработени во Претпријатието за уредување на просторот на општината, а еден од нив е поранешен кандидат за градоначалник.
Тие во разговор за бугарска „Нова ТВ“ ги објасниле причините за своите постапки.
„Јас сум иницијатор за тоа што се случи. Ова не е вандалски чин. Ја покажавме нашата длабока огорченост и незадоволство од случувањата на бугарско-македонската граница. Нашата држава беше понижена од РСМ“, рекла Људмила Костадинова, една од сторителите.
Станислав Илиев и Николај Иванов изјавиле дека го делат мислењето на иницијаторот и дека учествувале во чинот.
„Требаше да се покаже дека се уште има будни Бугари кои се заинтересирани за нашата земја“, рекол Иванов, пишуваат тамошните медиуми.
Прозорецот на клубот во Благоевград беше искршен вечерта на 4 февруари, на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Во објектот биле пронајдени 4 камења, а при инцидентот немаше повредени.
Пред два дена градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов прокоментира дека ќе ги казни општинските службеници само доколку македонските власти ги казнат „цариниците, граничарите и други функционери во Северна Македонија кои предизвикале ментално и физичко насилство врз многу Бугари“.