„Пусти желби се шпекулациите дека Путин ќе биде сменет или убиен“

од Stefanija Kuzmanovska
211 прегледи

Шефот на британските вооружени сили, Тони Радакин, ги отфрли шпекулациите дека рускиот претседател Владимир Путин не е добро или дека ќе биде убиен како „пусти желби“.

Началникот на британскиот Генералштаб адмирал Тони Радакин беше прашан дали Путин, кој ја започна инвазијата на Украина во февруари, може да биде соборен или да се соочи со промена на режимот.

„Мислам дека некои од коментарите дека тој не е добро или дека некој ќе го убие или ќе се ослободи од него се пусти желби“, изјави тој за емисијата Sunday Morning на Би-Би-Си.

„Како воени професионалци, гледаме релативно стабилен режим во Русија, претседателот Путин успеа да ја потисне секоја опозиција, гледаме хиерархија што му служи на претседателот Путин, така што никој од врвот нема мотивација да го предизвика претседателот Путин, а тоа е мрачно“, рече тој.

Осврнувајќи се на неговата неодамнешна посета на Киев, тој рече дека украинската армија апсолутно верувала дека ќе ја добие војната.

„Тие планираат да ја обноват целата своја територија и гледаат дека Русија се бори, Русија за која проценуваме дека изгубила повеќе од 30 отсто од својата копнена борбена ефикасност“, додаде тој.

„Ова всушност значи дека 50.000 руски војници беа убиени или повредени во овој конфликт, уништени се речиси 1.700 руски тенкови, уништени се речиси 4.000 оклопни борбени возила на Русија“, додаде Радакин.

Слични содржини