Рускиот претседател Владимир Путин побара од западните лидери да дадат писмени гаранции дека НАТО нема да се проширува кон исток, како и да се укинат дел од санкциите врз Русија, со цел да се стави крај на војната во Украина. Според тројца извори запознаени со текот на разговорите, овие услови се дел од можен мировен договор. Во меѓувреме, американскиot претседател Доналд Трамп, кој веќе подолго време тврди дека може да ја заврши војната, изразил фрустрација од однесувањето на Путин. Тој го предупредил рускиот лидер дека „си игра со оган“ откако овој одбил прекин на огнот додека руските сили продолжуваат со напредување на фронтот.
Според извори, по двочасовен разговор со Трамп минатата недела, Путин се согласил да соработува со Украина на изработка на меморандум кој ќе ја дефинира рамката за мировен договор, вклучувајќи и временска рамка за прекин на огнот. Русија веќе работи на свој нацрт-документ, но засега не е познато кога ќе биде завршен. Украина и европските земји ја обвинуваат Москва дека намерно ги одложува преговорите, додека нејзините сили продолжуваат да напредуваат во источна Украина. Руски извор близок до Кремљ вели: „Путин е подготвен за мир, но не по секоја цена.“
Руски барања
Според тројцата руски извори, Путин инсистира на следниве услови:
-
Писмени гаранции дека НАТО нема да се прошири кон исток (вклучувајќи ги Украина, Грузија, Молдавија и други поранешни советски држави);
-
Украина да остане неутрална земја;
-
Делумно укинување на западните санкции кон Русија;
-
Решавање на прашањето со замрзнатите руски средства на Запад;
-
Заштита на правата на рускојазичното население во Украина.
Првичните сигнали се дека, доколку Путин не успее да добие мировен договор по сопствени услови, ќе се обиде преку нови воени победи да покаже дека „мирот утре ќе биде уште полош“.
Западот и Киев: без вето за Украина
Кремљ не даде официјален одговор на извештајот на Ројтерс. Руски претставници повторуваат дека секој мировен договор мора да ги адресира „коренските причини“ за конфликтот – што, според Москва, вклучува проширување на НАТО и западната поддршка за Украина. Од друга страна, украинските власти категорично одбиваат можност Русија да има вето врз нивната желба за членство во НАТО. Киев бара цврсти безбедносни гаранции од Западот кои ќе го одвратат секој иден напад од Русија.
НАТО, пак, досега не ја сменил политиката на „отворени врати“ за членство, иако засега не одговара на конкретните барања на Русија.
Контекст на конфликтот
Воената офанзива на Русија започна во февруари 2022 година, по осум години судири во источна Украина меѓу проруските сепаратисти и украинските сили. Денес, Русија контролира речиси една петтина од украинската територија. Иако нејзиното напредување се забрзува, и двете страни претрпеа големи загуби – во жива сила и финансии. Путин наводно е сè позагрижен за економските тешкотии, како резултат на санкциите, недостатокот на работна сила и високите каматни стапки. Паѓањето на цената на нафтата дополнително го оптоварува руското стопанство.
Ставот на Трамп
Иако Трамп важи за близок со Путин, во последните денови се дистанцираше. На социјалните мрежи објави дека рускиот претседател „целосно полудел“ поради масовниот воздушен напад врз Украина минатата недела. Тој исто така предупреди дека ако Русија продолжи да го одложува мировниот процес, САД би можеле да воведат дополнителни санкции. Извори блиски до Кремљ велат дека, ако Путин види воена можност, ќе ја искористи за уште подлабоко навлегување во Украина, со верување дека Русија може да води долгорочна војна и покрај економските последици.
Вториот извор истакна дека Путин станал поцврст во ставот за територијата и сака Русија официјално да ги присвои сите четири региони во источна Украина.
„Станува уште поодлучен. Не попушта лесно,“ рече изворот.