Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска изјави дека врз Русија се врши агресивен надворешен притисок, дека противниците на земјата бараат таа да се подели на десетици мини-држави и дека противниците на Русија, луѓето со неоколонијално размислување, се идиоти, бидејќи, како што истакна, не разбираат дека токму националната различност ја прави државата посилна и залудно сметаат на тој ефект.
„Веќе кажав дека луѓето кои се водат од своите неоколонијални идеи се идиоти и би го зазеле второто место во конкуренција на идиоти. Зошто само второто? Затоа што тие се идиоти“, рече рускиот лидер, пренесе „Спутник“.
Тој посочи дека се врши агресивен надворешен притисок врз Русија, врз целото руско општество.
„Гледаме каков агресивен надворешен притисок се врши врз Русија, врз целото наше општество. Против нас е насочен речиси целиот арсенал: економски, воен, политички, информативен. Покрената е најмоќната антируска пропаганда“, изјави Путин во Пјатигорск, каде што учествува на седницата на Советот за односи меѓу заедниците.
Тој посочи дека не престануваат нападите врз руската култура и духовните вредности, како и обидите да се забие клин во братството на народите кои живеат во Русија.
„Нашите противници веруваат дека мултинационалноста на Русија е нејзината слаба точка и прават се за да не поделат. Организираат провокации во националните заедници.
Наводно во името на рускиот народ основаат разни општествено-политички здруженија кои ги претставуваат само нив и провокатори како нив. Дрско зборуваат за потребата од таканаречена деколонизација на Русија“, рече Путин.
Тој подвлече дека повиците да се подели Русија на десетици мали држави се поврзани со себични интереси.
„Велат дека Русија треба да се подели на десетици мали држави. Јасно е зошто. За подоцна да ги потчини на нивната волја, да ги искористува, да ги користи за свои себични интереси. Тие немаат други цели“, заклучи рускиот лидер.