🎥Путин до западните елити: Заврши вашиот вампирски бал

Путин подвелече дека Русија е подготвена за преговори, но само на такви што не се засноваат на некакви „желби пројавени по употребата на психоактивни супстанци“, туку на реалната состојба на фронтот

од Бети Божиноска
441 прегледи

Ерата на западните елити кои можат да експлоатираат други нации и други народи во светот се ближи кон крајот, изјави рускиот претседател Владимир Путин во ексклузивното интервју објавено денеска од „Росија 1“ и „РИА Новости“.

Путин во интервјуто истакна дека во изминатите неколку века, т.н. „златна милијарда“ се навикнала да може „да ги полнат своите стомаци со човечко месо, а џебовите со пари“ додека паразитски ги користат другите народи во Африка, Азија и во Латинска Америка.

„Но, тие мора да разберат дека вампирскиот бал завршува“, рече тој.

Путин додаде дека граѓаните на горенаведените региони, кои беа континуирано експлоатирани од Западот во изминатите 500 години, почнаа да ја поврзуваат борбата на Русија за суверенитет со „своите сопствени аспирации за суверенитет и за независен развој“.

Во исто време, Путин истакна дека западните елити имаат многу силна желба да ја „замрзнат сегашната ситуација“ и да ја зачуваат „неправедната состојба на работите во меѓународните работи“.

Она што остави најсилен впечаток во интервјуто беше неговиот одговор на прашањето „дали земјата навистина е подготвена за нуклеарна војна,“ на кое тој одговори дека Русија е технички подготвена , но дека не гледа потреба од употреба на нуклеарно оружје во војната во Украина.

„Од воено-техничка гледна точка, ние, се разбира сме подготвени“, посочи тој, изразувајќи уверување дека Москва ќе ги постигне своите цели во Украина и ја остави отворена можноста за разговори, нагласувајќи дека за секој договор ќе бидат потребни цврсти гаранции од Западот.

Одговарајќи на прашањето како Русија воопшто може да се надева дека Западот конечно ќе склучи фер договор кој всушност ќе го исполни. Путин посочи: „Не верувам никому. На Русија ѝ требаат точно дефинирани гаранции кои би ја задоволиле и во кои би можела да верува.“

Сепак, не ја исклучува и таквата можност, зашто според рускиот претседател, ако САД испратат војници во Украина, тоа, ќе се смета за значителна ескалација на конфликтот.

„Во САД има доволно експерти во областа на руско-американските односи. Затоа, не мислам дека треба да се брза кон нуклеарна конфронтација, но и покрај тоа, ние сме подготвени за тоа“, истакна Путин.

На прашањето дали и кога всушност ќе се одржат преговори, имајќи предвид дека САД истовремено зборуваат за преговори и за потребата да ѝ се нанесе стратешки пораз на Русија, Путин јасно посочи дека Москва никогаш не ги одбила преговорите.

Путин подвелече дека Русија е подготвена за преговори, но само на такви што не се засноваат на некакви „желби пројавени по употребата на психоактивни супстанци“, туку на реалната состојба на фронтот. Тој потоа потсети на преговорите во Истанбул во 2022 година и рече дека Русија и Украина постигнале значителен напредок и вистински нацрт-договор, но Киев одлучил да не потпише ништо.

„Претставникот на преговарачката група од украинската страна, господинот Дејвид Арахамија, самиот јавно, на средба со новинарите, призна дека поранешниот британски премиер Борис Џонсон ја одвратил украинската страна од потпишувањето на договорот. Потоа се појави нова идеја – да ја победиме Русија на бојното поле“, рече рускиот претседател.

Интервјуто на Путин доаѓа на само неколку дена пред претседателските избори во Русија, кои треба да се одржат на 15-17 март, а кои според сите анализи треба да му донесат уште еден шестгодишен мандат на чело на руската држава.

Слични содржини