Рускиот претседател Владимир Путин ја одржува првата голема прес-конференција од почетокот на инвазијата на Украина.
Путин изјави дека до мир во Украина ќе дојде само „кога Русија ќе ги постигне своите цели“.
Прес-конференцијата е всушност комбинација од одговори на прашања на Русите кои ги поставуваа на телефон, но исто така и на новинарски прашања.
Бројот на прашања што Русите ги упатиле за Путин, наводно, надминале два милиони.
Традиционалната годишна прес-конференција на рускиот претседател не се одржа минатата година.
„Постоењето на нашата земја без суверенитет е невозможно. Едноставно нема да постои“, изјави тој за водителот на рускиот државен Канал 1.
Путин рече и дека руската економија е силна и покрај војната.
„Ќе има мир (во Украина) кога ќе ги оствариме нашите цели. Тие цели не се променети“, вели тој, наведувајќи ги „денацификацијата, демилитаризацијата и неутралниот статус на Украина“. Овие цели Путин ги кажа и на почетокот на војната.
Тој прецизираше дека денацификацијата на Украина е неопходна бидејќи тие сè уште го слават Бандера – соработник на нацистите во Втората светска војна – а спомна и неодамнешен случај во канадскиот парламент кога соработник на нацистите, украински ветеран, добил стоечки овации, а присуствуваа и канадскиот премиер Џастин Трудо и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Што се однесува до демилитаризацијата, Украина „не сака да преговара“, вели Путин.
„Затоа сме принудени да преземеме други мерки. Украина денес не произведува ништо. Тие добиваат сè бесплатно, а тоа може да заврши еден ден“, вели Путин.
Тој додава дека руската армија успеала да уништи многу тенкови и оклопни возила кои западните сојузници ѝ ги доставиле на Украина.
На прашањето дали ќе има нов бран на мобилизација, Путин одговори дека нема потреба од тоа.
„Сега повеќе од 200.000 се мобилизирани на фронтот, а околу 40.000 мобилизирани се отпуштени од служба поради различни причини“, вели рускиот претседател.
Тој додаде дека во Русија е во тек кампања за привлекување војници со договор и дека досега се пријавиле околу 486.000 луѓе.
Доверливите извештаи на американските разузнавачки служби објавени оваа недела покажуваат дека 315.000 руски војници биле убиени или ранети од почетокот на војната, што додава дека е близу 90 отсто од рускиот воен персонал на почетокот на инвазијата.
Ниту Русија, ниту Украина не даваат податоци за бројот на загинати и ранети војници.
За односите со Америка, Путин рече дека САД се важна земја, но ги обвини за империјализам.
Тој ги повика САД „да ги почитуваат другите луѓе и земји“ и рече дека Русија е подготвена да ги обнови односите кога тоа ќе се случи.
На прашањето дали и кога може да се очекува нормализација на односите со Европската унија, Путин одговори дека тоа не зависи само од Русија.
„Не го расипавме ние односот, тие се обидоа да не исфрлат на второ или трето место, игнорирајќи ги нашите интереси“, истакна рускиот лидер.
Според Путин, целиот конфликт во Украина, почнувајќи од 2014 година, бил предизвикан токму од западните политички сили.
Според него, Европа зависи од „големиот брат“, што значи од САД.
Путин тврди и дека Русија „напредува“ и покрај западните економски санкции и политичката изолација поради војната во Украина.