Покрај потпишувањето на четири федерални уставни закони за пристапување кон Русија на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск, како и на регионите Запорожје и Херсон во Украина, Путин назначи и нивни привремени лидери, пренесува ТАСС.
Рускиот претседател го назначи Денис Пушилин за вршител на должноста шеф на Народната република Доњецк, Леонид Пашечник за привремен шеф на Народната република Луганск, Евгениј Балицки за вршител на должноста гувернер на областа Запорожје и Владимир Саљд за привремен гувернер на регионот Херсон.
Вршителите на овие региони управуваат со териториите додека не се изберат шефовите на новите региони во согласност со руските закони на изборите следната година.
Законите, кои Путин ги потпиша денеска, конкретно ги дефинираат границите на новите конститутивни ентитети на Руската Федерација, според кои тие одговараат на оние кои „постоеле на денот на нивното создавање и присоединување кон Русија“.
Тие прецизираат дека границите на новите субјекти со други земји ќе се сметаат за државни граници на Русија.