Претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, денеска свечено ја одбележале изградбата на третиот нуклеарен реактор во електраната Акују на југот на Турција, ветувајќи дека ќе продолжат со блиската соработка.
Ердоган рече дека фабриката ќе ја вклучи Турција во лигата на земји со нуклеарна енергија и ја нарече симбол на турско-руската соработка, пренесе АП.
Русија ја гради првата нуклеарна централа на Турција на медитеранскиот брег во провинцијата Мерсин. Двете земји потпишаа договор за соработка во 2010 година и започнаа со изградба во 2018 година.
Нуклеарната енергија е стратешки чекор за енергетска безбедност, рече Ердоган.
Тој додал дека првиот реактор ќе започне со работа во 2023 година, што се совпаѓа со 100-годишнината од современата турска држава.
Планирано е да се изградат вкупно четири реактори. Ердоган исто така рекол дека соработката меѓу Анкара и Москва игра клучна улога во регионалната стабилност.
Ердоган и Путин разговарале преку видео конференција. Говорејќи од Москва, Путин ја нарече нуклеарната централа вистински врвен проект.