Претседателите на Русија и Украина ќе се сретнат одделно со нивниот турски колега Реџеп Тајип Ердоган во Турција, по неговата инаугурација во сабота, пишува themoscowtimes.com.
„За време на овие посети, кои Путин и Зеленски ќе ги имаат еден по друг, ќе се разговара за текот на војната и коридорот за жито“, изјави новинарката Хурета Ханде Фират за Си-Ен-Ен Турк, повикувајќи се на свои извори.
Таа посочи дека на инаугурацијата на Ердоган ќе дојдат голем број странски лидери, но дека Путин ќе дојде во „одвоена и приватна посета“. По него Зеленски ќе дојде во Турција.
Да потсетиме, Ердоган победи во неделата во вториот круг од претседателските избори против кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу. Според турските медиуми, Ердоган во сабота ќе положи заклетва, по што ќе одржи гала вечера во Бештепе со учество на странски лидери.