РУСКИОТ претседател Владимир Путин изјави денеска дека Русија и земјите во развој биле „измамени“ во договорот за извоз на украинско жито и вети дека ќе ги поправат условите од договорот за да го ограничат бројот на земји кои можат да ги примат пратките.
На економскиот форум во Владивосток на рускиот Далечен Исток, Путин рече дека житата извезени според договорот потпишан со посредство на Турција и ОН не стигнуваат до најсиромашните земји, што е вистинската цел на тој договор.
„Меѓународната заедница срамно ги мами нашите партнери во Африка и другите земји кои имаат огромна потреба од храна. Тоа е измама“, рече тој.
Во своите најостри коментари досега за Договорот за извоз на жито од Украина, Путин предупреди на глобална криза со храна доколку не се реши проблемот и најави дека ќе стапи во контакт со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за да разговара како да се поправи договорот и да се ограничи бројот на земји кои можат да примат житарки.
„Јасно е дека со овој пристап, кризата со храна во светот ќе доведе до хуманитарна катастрофа без преседан“, рече тој.
Без да ги именува изворите, Путин рече дека само два од 87-те бродови со жито стигнале до сиромашните земји и го обвини Западот за колонијално однесување. „Така оди – поранешните колонизатори и денес се однесуваат како колонизатори“, рече тој за европските земји.
„Речиси целото жито што се извезува од Украина не оди во најсиромашните земји во развој, туку во земјите на Европската унија“, рече Путин.
Што велат бројките на ОН за пратките со жито?
Податоците на ОН покажуваат дека повеќето од бродовите пристигнале во Турција со пратки жито наменети за Кина, Индија, Египет, Јемен, Сомалија и Џибути.
Русија ќе продолжи да го спроведува договорот со надеж дека ќе се постигнат наведените цели, рече Путин и се пожали дека не се почитуваат одредбите за ублажување на санкциите за извоз на руско жито и вештачко ѓубриво.
„Паметните санкции“ уште повеќе ја отежнуваат руската трговија“, изјави претседателот на Русија, која е најголемиот светски производител на вештачки ѓубрива.
„Нема директни санкции против овие производи, но има ограничувања во логистиката, плаќањето, осигурувањето. Многу од овие ограничувања не се отстранети“, рече тој.
Засега Киев нема информации дека Москва презела официјални чекори за измена на договорот.
Договорот за извоз на жито од пристаништата на Црното Море, потпишан во јули за да се избегне криза со храна, гарантира безбеден премин на бродовите до и од Украина, со меѓународна инспекција за да се овозможи извоз на десетици милиони тони жито и да се олесни кризата со храна во светот.