Путин му подари хеликоптер на претседателот на Зимбабве (ФОТО)

од Nikola Popovski
272 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин му подари хеликоптер на претседателот на Зимбабве, соопшти вчера владата на таа земја.

Претседателот на Зимбабве Емерсон Мнангагва е меѓу африканските претставници кои учествуваат на дводневниот самит Русија-Африка, кој, според АФП, се смета за тест за поддршка на Путин по руската инвазија на Украина.

„Неговата екселенција, претседателот Путин му подари претседателски хеликоптер на неговата екселенција, претседателот Емерсон Дамбуџо Мнангагва“, напишало Министерството за информации на Зимбабве на социјалните мрежи покрај сликата на претседателот Мнангагва како се спушта по скалите на авионот и седи во кабината.

„Таа птица наскоро ќе биде на нашето небо“, додал владиниот портпарол преку Твитер (сега преименуван во X).

Лидерите на Зимбабве се под американски и европски санкции поради корупција и кршење на човековите права.

80-годишниот Мнангагва, кој бара реизбор на изборите следниот месец, долго време ги припишува економските проблеми на земјата на санкциите. Според аналитичарите, изборите ќе бидат многу тесни.

„Жртвите на санкциите треба да соработуваат“, рекол Мнангагва, стоејќи пред хеликоптерот, во видеото објавено од неговото Министерство за информации.

Путин го именуваше Зимбабве меѓу шесте африкански земји кои ќе добијат бесплатно жито од Русија, откако Кремљ се повлече од договорот со кој се дозволува украинско жито да се извезува преку Црното Море.

Фото: Вячеслав Прокофьев, ТАСС

Слични содржини