Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека е постигнат напредок кон ставање крај на конфликтот во Источна Украина меѓу сепаратистите, поддржани од Русија и владините сили, објави ДПА.
Путин го даде за пример ослободувањето оваа недела на четворица сепаратистички бунтовници, кои се држеа во Украина неколку години.
Киев го нарече ова „гест на добра волја“.
Освен тоа Украина презеде поусогласен пристап кон спорот со запленување на три пловни објекти на украинските поморски сили и апсењето на 24 лица од екипажот во Керченскиот теснец крај Крим во ноември, изјави Путин на самитот на Г-20 во Јапонија, пренесоа „Интерфакс“.
Русија, која го анектираше Крим од соседна Украина пред пет години, тврди дека украинските бродови илегално влегле во нејзините територијални води. Украина смета дека Крим е нејзина територија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела даде сигнал дека е подготвен да соработува со Москва за да постигне договор за ослободување на морнарите. Но, тој навести договор едвај по парламентарните избори во Украина, кои се на 21 јули.
Путин рече дека е можно Русија да постави како услов Украина да признае, дека нејзините бродови влегле во руски територијални води.
Рускиот претседател рече дека разговарал за конфликтот во Украина со американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел за време на Г-20 во Јапонија. Тој и Меркел се на мислење дека преговорите во т.н. „Нормандски формат“ – Украина, Русија, Германија и Франција – треба да продолжат, иако нема датум за следниот состанок.