Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека потпишал указ според кој странските купувачи мора да го плаќаат рускиот гас во рубљи од 1 април, а договорите ќе бидат суспендирани доколку тие плаќања не се извршат, пренесува Ројтерс.
„За да купат руски природен гас, треба да отворат сметки во рубљи во руските банки. Од тие сметки од утре ќе се плаќа за испорачаниот гас“, рече Путин.
„Доколку таквите плаќања не се направат, тоа ќе го сметаме за пропуст на клиентите, со сите последици што произлегуваат од тоа“, рече тој.
⚡️Владимир Путин подписал Указ «О специальном порядке исполнения иностранными покупателями обязательств перед российскими поставщиками природного газа» pic.twitter.com/5kCUMU0rro
— Газета.Ru (@GazetaRu) March 31, 2022
Одлуката на Путин да нареди плаќања во рубљи за гас ја зголеми руската валута, која падна на историски минимум кога западните земји воведоа сеопфатни санкции по руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Сепак, како што наведува Ројтерс, западните компании и влади го отфрлиле потегот, кој го сметаат за прекршување на постоечките договори поставени во евра или долари.
Путин рече дека одлуката има за цел да го зајакне суверенитетот на Русија и дека неговата земја ќе се придржува до своите обврски од сите договори.