Путин пристигна во ОАЕ, зборуваше за Израел и Украина

од Stefanija Kuzmanovska
265 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека односите меѓу Русија и Обединетите Арапски Емирати достигнале извонредно високо ниво и дека Емиратите се главниот партнер на Русија во арапскиот свет.

„Ќе ја разгледаме ситуацијата поврзана со арапско-израелскиот конфликт, а за украинската криза ќе го информирам претседателот на Емиратите, Мухамед бин Зајед ал Нахјан“, изјави Путин на почетокот на средбата.

Тој посочи и дека Емиратите даваат исклучителен придонес за стабилизирање на состојбите во светот.

Путин го покани претседателот на Емиратите да учествува на самитот на БРИКС во Казањ во септември 2024 година.

Тој му се заблагодари за тоа што Емиратите обезбедиле место за изградба на православната црква во таа земја.

„Односите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Русија имаат историски карактер и постојано се развиваат во сите области“, изјави претседателот на ОАЕ Мухамед бин Зајед Ал Нахјани за време на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Абу Даби.

Нахјани посочи дека Емиратите посветуваат посебно внимание на соработката со Русија во областа на енергетиката и напредните технологии.

Инвестициите на Емиратите во ненафтениот сектор на руската економија се зголемени за 103 отсто во изминатата година, додаде претседателот на ОАЕ.

Како што наведе, Емиратите се најголемиот трговски партнер на Русија.

Тој исто така додаде дека ОАЕ ја поддржуваат соработката со Русија на различни меѓународни платформи, вклучувајќи ги БРИКС, ШОС и Советот за соработка на арапските држави.

Разговорите меѓу двајцата лидери се водат во палатата Каср ел Ватан.

Ова е втора средба на лидерите годинава, претходната се одржа во јуни на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, каде ОАЕ го имаа почесниот статус на „земја гостин“.

Слични содржини