Путин призна: Руската војска го собори азербејџанскиот патнички авион

Путин призна дека руската воздушна одбрана испалила ракети кон азербејџанскиот патнички авион кратко пред да се сруши во Казахстан минатиот декември.

од Vladimir Zorba
22 прегледи Фото: Принтскрин

Рускиот претседател Владимир Путин призна дека руската воздушна одбрана испалила ракети кон азербејџанскиот патнички авион кратко пред да се сруши во Казахстан минатиот декември.

Според Путин, две ракети експлодирале на неколку метри од авионот, а потоа авионот бил погоден од шрапнели. Тој делумно го поврзал инцидентот со наводното присуство на украински дрон во областа, објави „Киев Индепендент“.

Призна за време на средбата со Алиев

Признанието на Путин дојде за време на средбата со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во Душанбе, каде што лидерите се собраа на регионален самит. Двајцата претседатели разговараа во резиденцијата Кохи Сомон, по месеци затегнати односи меѓу Москва и Баку.

Авион на „Азербејџан ерлајнс“ што леташе од Баку до Грозни во Чеченија се урна во Казахстан на 25 декември 2024 година, откако беше принуден нагло да го промени курсот. Истрагите претходно заклучија дека авионот бил соборен од руската воздушна одбрана, при што загинаа 38 од 67 патници и членови на екипажот.

Путин: „Дознав за деталите пред два дена“

За време на разговорот со Алиев, Путин изрази сочувство до семејствата на жртвите и најави дека Москва ќе спроведе правна проценка на постапките на службените лица вклучени во инцидентот.

Тој изјави дека тој ден Русија следела три украински беспилотни летала што влегле во рускиот воздушен простор и дека токму затоа се случила „трагичната грешка“ на руските единици за воздушна одбрана.

Путин рече дека бил информиран за овие детали дури пред два дена и дека истрагата е при крај. Додаде дека Русија ќе им исплати отштета на семејствата на жртвите. Алиев, според извештаите на руската агенција ТАСС, му се заблагодарил на Путин за информациите и за неговото лично вклучување во следењето на истрагата.

Слични содржини