
Русија и Кина продолжуваат да ги „координираат“ своите позиции на „меѓународната сцена“ и двете држави имаат добра воена соработка. Овој став го изрази рускиот лидер Владимир Путин на Источниот економски форум во Владивосток, цитиран од локалните медиуми.
Тој додаде дека Москва и Пекинг имаат слични геополитички интереси што ги прават меѓународните институции посилни и ги зајакнуваат глобалните безбедносни системи.
По разговорите со кинескиот вицепремиер на маргините на форумот, Путин изрази задоволство што кинеските партнери се најголем инвеститор во локалната економија.
Во меѓувреме, индискиот премиер Нарендра Моди, главниот гостин на форумот, објави дека Њу Делхи ќе обезбеди заем од една милијарда американски долари за развој на рускиот далечен исток. Ова е првпат Индија да понуди заем за да помогне во одреден регион на една земја.
Тој, исто така, ги покани 11-те гувернери на Далечниот исток да ја посетат Индија за зајакнување на економските односи меѓу двете земји.
За време на форумот, Путин се сретна и со јапонскиот премиер Шинзо Абе.
Конференцијата во Владивосток се одржува од 4 до 6 септември. Најмалку 8.000 гости се присутни оваа година.