Путин: Русија на напад може да одговори со нуклеарно оружје

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот претседател Владимир Путин донесе декрет во кој е утврдено дека руската војска може да користи нуклеарно оружје како одговор на напад што би вклучувал само конвенционално оружје.

Москва може да преземе такво дејство ако првичниот напад претставува директна закана за „опстанокот на државата“, според декретот објавен на веб-страницата на Кремљ.

Русија исто така може да го искористи својот нуклеарен арсенал како одговор на нападот врз сојузник, доколку таков напад вклучува оружје за масовно уништување, се вели во декретот.

Според извршната уредба, Путин го задржува правото, како претседател, да донесе конечна одлука за употреба на нуклеарно оружје, пренесува Хина, повикувајќи се на агенцијата ДПА.

Путин во четвртокот изјави дека Русија е подготвена да го продолжи новиот нуклеарен договор СТАРТ до крајот на оваа година без дополнителни услови и дискусии.

Новиот договор СТАРТ, потпишан во 2010 година, го ограничува бројот на стратешки нуклеарни боеви глави на Вашингтон и Москва.

Судбината на тој договор е под лупа откако САД се повлекоа од друг договор за контрола на оружјето во август, тврдејќи дека Русија го крши – нешто што Кремљ го отфрли.

Слични содржини