Путин: САД наметнуваа демократија, одговорни се за Авганистан

од Vladimir Zorba
323 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин вчера остро ги критикуваше САД и нивните сојузници поради улогата што ја одиграа во Авганистан, каде Талибанците ја преземаа власта во земјата по повлекувањето на повеќето американски војници.

Вчера, по разговорите со германската канцеларка Ангела Меркел во Москва, рускиот претседател рече дека брзата офанзива со која Талибанците ја освоија власта во Авганистан ја покажа залудноста на напорите на Западот да ја наметне својата визија за демократија.

„Неопходно е да се запрат неодговорните напори на Соединетите држави да им ги наметнат своите вредности на другите и да се обидат да изградат демократија во други земји, без да се земат предвид историските, етничките и верските прашања и целосно да се игнорираат традициите на другите народи“, рече тој.

Путин, исто така, изјави дека Москва е добро свесна за ситуацијата во оваа земја и дека претходно била убедена дека обидите да се наметнат форми на владеење и општествен живот за неа се контрапродуктивни и дека таа забелешка е очигледна референца за десетте години советска војна во Авганистан, која заврши со повлекување на советските војници во 1989 година.

Претседателот истакна и дека Талибанците ветиле дека ќе го одржуваат јавниот ред и мир во земјата и дека ќе ги заштитат цивилите и странските дипломатски мисии, но не ги коментираше извештаите за насилство и потенцијални злосторства што се случуваат низ Авганистан, откако тие ја презедоа власта.

Соединетите држави и НАТО спроведуваат меѓународни безбедносни операции во Авганистан од 2003 година, но борбените операции завршија во 2014 година и фокусот беше ставен на обука на 300.000-те национални безбедносни сили на земјата, кои беа поразени во талибанската офанзива за само неколку дена.