Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина дека се обидува да ги нападне гасоводите преку Црното Море до Турција во изјавата во Сочи по средбата со неговиот турски колега во обид да го обнови договорот за извоз на жито, а ја коментираше и контраофанзивата на Украина.
„Ги напаѓаат гасоводите Турски тек и Син тек преку кои се извезува гас од Русија во Турција“, рече Путин на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во Сочи.
„Руските бродови ги штитат тие системи“, додаде тој. „Но, тие се под постојан напад, вклучително и со беспилотни летала лансирани од украинските пристаништа на Црното Море“.
Рускиот претседател уште еднаш ја опиша украинската контраофанзива како „неуспех“.
„Тоа не е застој, тоа е неуспех“, рече Путин, тврдејќи дека Украина не пробила ниту една линија на фронтот на територијата под контрола на Москва.
Во исто време, украинските сили на југот на земјата објавија дека ја пробиле цврсто утврдената прва линија на руската одбрана. Војската, исто така, тврди дека постигнала напредок во други делови на земјата, вклучително и во Доњецк на исток и околу градот Бахмут.