Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека моделот на глобализација, кој главно го создадоа западните земји за остварување на сопствените интереси, е застарен и сега минува низ длабока криза.
Путин, на меѓународниот форум посветен на сеќавањето на Евгениј Примаков, рече дека темата на овогодинешниот форум е многу актуелна – „Хоризонти на постглобализацијата“, пренесе ТАСС.
„Се појавува нов, поправеден и подемократски систем на меѓународни односи кој подобро ќе одговара на потребите на глобалното мнозинство“, рече Путин.
Путин, сепак, рече дека групата земји, која е навикната да доминира на светската сцена, како што наведе, „нема да запре пред ништо за да го зачува своето опаѓачко влијание, користејќи директна уцена и тактики на силен притисок, додека меѓународното право ќе биде заменето од некој вид „поредок заснован на правила“.
„Таквата дестабилизирачка политичка линија ја поттикна кризата поврзана со Украина и трагичната ескалација на израелско-палестинскиот конфликт“, нагласи рускиот претседател.
Путин истакна дека на форумот, кој го носи името на истакнатиот државник, дипломат и академик Евгениј Примаков, учесниците во значајна и слободна дебата темелно ги анализираат клучните меѓународни прашања на денешницата и ги оценуваат долгорочните трендови на регионално и глобално ниво, водени од, како што наведе, научен пристап и објективни факти.