Путин со неочекувана изјава: „За Русија е подобро Бајден да биде претседател“

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговиот американски колега Џо Бајден е „попредвидлив“ за Москва од Доналд Трамп, но дека Русија е подготвена да „соработува“ со победникот на претседателските избори во Соединетите Американски Држави, кој и да е тој, пренесе „Хина“.

На новинарско прашање кој претседател би бил подобар за Русија, Путин одговори дека тоа ќе биде Бајден бидејќи „тој е личност со поголемо искуство. Тој е предвидлив, тој е старомоден политичар“.

Рускиот претседател сепак одби да ги коментира дискусиите во американската јавност за годините на Бајден.

„Кога го запознав Бајден во Швајцарија, мора да се признае пред три години, веќе се зборуваше за неговата неспособност, но не можам да сведочам за тоа“, рече тој.

„Она што треба да се погледне е политичката позиција и позицијата на актуелната американска влада, која е крајно штетна и погрешна“, додаде Путин.

Москва „ќе соработува со американскиот лидер кому американскиот народ му верува, кој и да е тој“, истакна рускиот претседател.

Американските претседателски избори се одржуваат на 5 ноември годинава, а голема е веројатноста Бајден и Трамп да се соочат еден со друг.

Слични содржини