Државната дума на Русија денеска во првото читање го усвои нацрт-законот за гаранции за имунитет на поранешен претседател на Русија и неговото семејство.
Предлог-законот предвидува поранешниот шеф на државата да има имунитет по истекот на мандатот – тој не може да биде уапсен, приведен во кривична или административна одговорност, ниту притворен, претресен или испрашуван.
Неповредливоста се однесува и на станбените и канцелариските простории на поранешниот претседател, возилата што ги користи, комуникациската опрема, документите и багажот што му припаѓаат, како и неговата преписка.
Исто така се предлага да се пропише дека Советот на Федерацијата може да му го одземе имунитетот на поранешниот претседател само врз основа на обвинението на Државната дума за предавство или друго сериозно кривично дело, што мора да биде потврдено со заклучокот на Врховниот суд за постоење знаци на кривично дело во постапките на поранешниот шеф на државата.
Одлуките за обвинение и одземање на имунитетот на поранешниот претседател мора да бидат донесени со двотретинско мнозинство од претставниците на двата дома на рускиот парламент.