Рускиот претседател Владимир Путин повика на зајакнување на безбедносните мерки на Кримскиот мост стратешка инфраструктура која по вторпат беше оштетена од украинскиот напад, за што вети „одговор“.
Бидејќи ова е втор терористички напад на мостот на полуостровот Крим, чекам конкретни предлози за подобрување на безбедноста на таа важна и стратешка транспортна инфраструктура, рече Путин на седницата на Владата пренесуван на телевизија.
Според него, едно девојче било повредено, а двајцата нејзини родители биле убиени во тој украински напад на мостот што ги поврзува Русија и Крим, полуостров анектиран од Русија во 2014 година.
Се разбира, ќе има одговор од Русија. Министерството за одбрана подготвува соодветни предлози, рече Путин.
Нападот предизвика голема штета на патниот дел од мостот, кој исто така се користи за транспорт на воена опрема на руската армија која се бори во Украина.
Тоа го извршија украинските специјални служби и поморските сили користејќи „поморски беспилотни летала“, изјави денеска за АФП извор од украинските безбедносни служби (СБУ).
Бетонскиот мост долг 18 километри, изграден со големи трошоци по налог на Владимир Путин и свечено отворен од него во 2018 година, се состои од две паралелни структури, едната резервирана за патен сообраќај, а другата за железнички сообраќај.