Во Брисел денеска ќе се одржи работен ручек организиран од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен со лидерите од Западен Балкан.
На средбата се поканети лидерите на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Косово, а како што пренесуваат медиумите, една од темите на разговор ќе биде распределбата на средствата од Планот за раст на ЕУ.
На работниот ручек ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски, соопштија од владината прес-служба. Покрај претседателката на ЕК, предвидено е Мицкоски одделно да се сретне и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и со Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Премиерот треба да има средба и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.
Шефот на Владата не исклучува да се разговара и за одложена примена на уставните измени. Тој најави дека ќе ги пренесе фрустрациите од блокираниот евроинтегративен пат.