Работилница на Народната банка: СЕПА ќе донесе заштеда од 16 милиони евра годишно за иселениците и за нивните семејства

од Nikola Popovski
23 прегледи

По пристапувањето во Единствената област за плаќање со евра (СЕПА), прекуграничните плаќања ќе се извршуваат во рок од еден ден, а доколку се користат системите за инстант плаќања − во рок од неколку секунди, додека во моментов тоа трае три дена, во просек и граѓаните од регионот на Западен Балкан имаат повисоки трошоци за шестпати, во просек, за прекуграничните плаќања од граѓаните во ЕУ. Ова беше посочено од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА”. Таа изрази благодарност до високиот гостин, Масимилијано Паолучи, директорот на Светската банка во земјава и неговиот тим, кои посветено ги поддржуваат напорите на централната банка во трансформацијата на платежната инфраструктура, поставувајќи ги основите во финансиската сфера на патот кон ЕУ.

„Економските врски на нашата земја со членките на СЕПА се силни и постојано растат. Над две третини од нашата надворешна трговија се врши со земјите од СЕПА, што е еквивалентно на 101% од нашиот БДП. Покрај тоа, 87% од нашите вкупни одливи и 77% од вкупните приливи се извршуваат во евра. Со пристапувањето кон СЕПА ќе ги поедноставиме и ќе ги намалиме трошоците за овие плаќања, обезбедувајќи значителни придобивки за нашата економија и зајакнување на нашите врски со Европа”, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што порача дека напорите на централната банка резултираа со поднесено барање за пристапување во СЕПА, на 10 јули годинава.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна и дека „поевтиниот, побрз и поефикасен платен систем ќе придонесе за поголема конкурентност на нашиот корпоративен сектор и негова понатамошна интеграција во ЕУ, особено на микро-, малите и средните претпријатија, коишто се столбот на нашата економија и вработуваат околу 75% од сите вработени и создаваат околу 70% од додадената вредност”. Таа нагласи дека нашиот финансиски систем значително се трансформира и ги зајакнува своите капацитети за обезбедување подобра услуга за домаќинствата и компаниите, што се гледа преку постојаното зголемување на финансиското посредување коешто достигнува 89% од БДП.

На работилницата беше истакнато дека придобивките од модернизацијата на плаќањата ќе бидат особено значајни и во делот на дознаките, коишто пристигнуваат преку банкарските канали, како и намалувањето на сивата економија.

„Со оглед на фактот што приливот од дознаки сочинува 3,1 отсто од БДП, намалувањето на трошоците од 3 отсто за трансакциите со дознаки ќе придонесе за годишна заштеда од 16 милиони евра за иселениците и нивните семејства. Студиите на Светската банка покажуваат дека со префрлување на 10 отсто од плаќањата извршени во готовина во дигитални плаќања може да се намали сивата економија за приближно 2 отсто”, истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за земјава и за Косово.

„Со приклучувањето на земјава кон СЕПА не само што ќе се намалат трошоците за трансакции во евра, туку ќе се обезбедат подобри услови за меѓународна соработка, трговија и инвестиции, преку подобрено управување со готовинскиот тек, зајакнат пристап до пазарите во ЕУ, како и подобри односи со деловните партнери, овозможено преку побрзо порамнување на плаќањата”, оцени вицегувернерката Емилија Нацевска, обединувајќи ги заклучоците од дискусиите на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА”, при што истакна дека целта на Народната банка е да ги трансформира идеите и стратегиите за коишто се разговара во конкретни акции за натамошна модернизација на платежните системи, усогласувајќи ги со стандардите на ЕУ и обезбедувајќи поинтегрирана иднина за нашата економија.

Работилницата којашто се организира на иницијатива на Народната банка и Светската банка во рамките на проектот за модернизација на плаќањата на Западен Балкан, беше поддржана и од Европската комисија, како и Регионалниот совет за соработка, Секретаријатот на ЦЕФТА, Европската централна банка и од Европскиот совет за плаќања.

Слични содржини