Работиме во најбрз рок да почне реконструкцијата на студентските домови, тврди Шаќири

од Vladimir Zorba
166 прегледи

Поради некои документи што недостигаат има одложување во постапката, но сум сигурен дека во оваа година и во најбрз можен рок, а МОН за тоа се вложува максимално, ќе бидат решени сите проблеми за да почне реконструкцијата на студентските домови, изјави министерот Јетон Шаќири во врска со реновирањето на државните студентски домови за кои се обезбедени средства од Германската развојна банка.

-Се работи за нерешени имотно-правни проблеми и многу работиме во овој период за ден поскоро да почнат конкретните постапки – реконструкција на студентските домови во градот Скопје, изјави Шаќири одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на резултатите од Европското општествено истражување (ЕОИ).

МОН пред околу четири месеци најави дека во првите месеци на 2023-та ќе почне реконструкцијата на студентските домови, најпрво на оние со најлоши услови, таа ќе биде етапна и за три години да бидат реновирани сите државни домови во кои се сместени студентите.

Министерството денеска соопшти дека идната академска година се очекува да биде подготвен за прием на студенти новиот студенски дом кој се гради за потребите на Универзитетот во Тетово. Градежните работи се целосно завршени, а во моментов се опремуваат собите и просториите во домот.

Шаќири посочи дека се работи за студентски дом кој првпат се формира како институција и влегува во склоп на другите државни студентски домови и функционира според Програмата за студентски стандард.

Слични содржини