Работната група за уставни измени почна со работа, избрани претседател и потпретседател

од Nikola Popovski
163 прегледи

Вчера работната група за уставни измени почна со работа, одржувајќи ја својата конститутивна седница. Работната група има 23 членови од кои десет се од редот на експертите, десет се предлози на политички партии и тројца се членови од институции.

За нејзин претседател е избрана Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а за потпретседател Бајрам Положани, поранешен судија во Уставниот суд и професор по уставно право.

Од редовите на СДСМ во групата е Цветанка Иванова, Арбр Адеми е од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.

Претседателот Стево Пендаровски смета дека групата нема да има многу работа.

-Работната група, која треба да ги подготви конкретните текстови за измени на уставот на Република Северна Македонија и треба да го одржи првиот состанок денеска, нема да има многу работа, бидејќи обврската што земјата ја презеде да ги вклучи Бугарите во основниот закон е јасен, рече вчера Пендаровски.

Запрашан за неговите очекувања за работата на работната група формирана од Министерството за правда, во која членуваат експерти и претставници на политички партии, освен на опозицијата, Пендаровски коментира дека во работната група има и негов претставник, а тоа покажува какво е неговото мислење.

-Учествувам преку мојот претставник и со ова јасно го кажувам мојот политички став дека сум за овие уставни измени, не мислам дека тие се нешто страшно за нас и не мислам дека ако ги вклучиме Бугарите во Уставот, заедно со другите шест или седум делови на нациите, државата ќе пропадне. Во ова нема скриени цели и не треба да се плашиме дека може да се направи нешто поинакво од она што е веќе напишано во преамбулата и во нормативниот дел од уставот за сите други етнички заедници, рече Пендаровски.

За транспарентноста на работата во работната група беше прашан и премиерот, Димитар Ковачевски.

-Владата создаде работна група во Министерството за правда, која треба да го подготви текстот на предложените измени. Денеска почнуваат со работа, ќе се избере претседавач и ќе си го одредат начинот на функционирање. Не знам дали очекувате да има камери додека разговараат, кажа Ковачевски.

Предлагач на уставните измени е Владата која го задолжи Министерството за правда да формира работната група. Работната група ќе има за задача да ја подготви предлог-иницијативата за потребата од уставните измени. По изготвувањето на предлогот тој ќе биде доставен до Владата која ќе треба да ја поднесе иницијативата во Собрание. Предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.

Слични содржини