Актуелната стапка на невработеност кај младите во Македонија е најниска во историјата на независноста на државата. Оваа статистичка информација сепак изгледа многу поинаку на пазарот на труд каде компаниите „мака мачат“ во процесот на вработување соодветен кадар, поради што се почесто ангажираат пензионирани лица.
Тогаш, каде е проблемот?
Познавачите на состојбите лоцираат неколку причини, а како основен проблем го посочуваат намалениот број млади во државата кој беше евидентиран и со пописот, кој покажа дека 17,5% од младите не се резидентно население.
„Последниот попис покажа дека 0.5% од младите си заминале од државата, односно ни фалат 100.000 луѓе кои биле млади на претходниот попис. Овие бројки посочуваат дека помеѓу младите луѓе има сериозна тенденција за иселување“, изјави за „Локално“, Билјана Стојческа од Младинскиот сојуз од Крушево.
Дел од нив заминуваат трајно, а некои се определуваат за привремена работа во блиските туристички центри ( Грција, Хрватска, Црна Гора). Во вакви услови се наметнува целата апсурдност на ситуацијата во која македонските стопанственици кадарот го бараат меѓу младите луѓе од сиромашните земји од Блискиот исток.
Според Зоран Илиески од Коалицијата на младински организации СЕГА , грешката не треба да се бара во нашите млади луѓе.
„Напротив, грешките кои ги направивме како држава влечат длабоки корени во постојаните хаотични реформи во образованието, негрижата на државата за младите и нивниот квалитет на живот, како и своевремено манипулацијата од страна на работодавачите кон трудот и вредноста на младите“, вели Илиески за Локално.
Оттука, алармантниот недостиг на млада работна сила налага итно превземање чекори од страна на државата.
Блажен Малески од Регионалната канцеларија за младинска соработка РИКО, нема дилеми дека е крајно време државата и институциите да почнат да размислуваат во насока на тоа како ќе ги надополнат тие празнини на пазарот на трудот. Еден од аспектите кој тој го посочува како особено проблематичен е недостигот на вештини кај младите поради што тие не можат да добијат доволна валоризација на е- пазарот на труд.
Тоа, според Малески укажува на неповрзаност помеѓу формалниот образовен процес и насока во којашто што се движи економијата.
„Државата до денес има променето точно 19 министри за образование. Тоа значи дека мандат на еден или една министерка во просек е година и пол. Секој/а од нив со сопствени гледишта за реформа на образованието, не само високото. Не велам дека ова е единствениот проблем со кој се соочува образованието, но е добар показател за константните промени кои се случуваат, без да се утврдат претходно резултатите од тие реформи“, вели Малески за „Локално“.
Многу отворени прашања според него има и во однос на стручното образование, но и во врска со дилемите дали инвестираме во вештини или во некои застарени методи на учење кои се провлекуваат низ годините. Во ваква ситуација неопходно е придвижување на работите и тоа со сериозна поткрепа од страна на државата.
Само на тој начин, според Илиески од Коалицијата на младински организации СЕГА може да бидат обезбеди средства за програми за поддршка на младите до нивно вработување но тоа мора да оди многу подалеку од утврдените мерки со Оперативниот План и Младинската Гаранција.
Потребата од решение ја посочува и Стојческа од Младинскиот сојуз од Крушево. Повикувајќи се на податоците според кои во 2021 година секој четврт млад човек бил во ризик на сиромаштија, а само 2.9% од младите луѓе самовработени, очекува овие бројки да стануваат покритични.
Ваквата ситуација, вели Малески од РИКО, наметнува објективен заклучок дека отсуствува јасна визија каде сакаме да се движиме со образованието, но и мотив да се инвестира во младите и децата.
„Останува уште многу да се направи во нашето општество, и тоа не само во однос на политичките партии кои и самите низ годините покажале дека немаат конзистентност во однос на образованието“, заклучува Малески.
К.В.С.