И во Македонија, како во Германија, има работодавачи кои не ја исплаќаат законски утврдената минимална плата. Ова го покажуваат податоците од Сојузот на синдикати на Македонија, според кои во изминатата 2025 година преку апликацијата ССМ – Мои работнички права, но и телефонски разговори се пријавени околу 40 пријави за неисплатени плати, надоместоци, додатоци на плати, истите се однесуваат на околу 440 работници.
Ова отвора многу прашања за состојбата со платите и заштитата на работничките права во државата.
-Некои од пријавите се за неисплатени плати, плати под минималната плата, на работниците не им се дава пресметка на плата, не им се исплатени додатоци на плата, како и други надоместоци поврзани со платата. Работничката сиромаштија станува реалност и кај вработените, што е поразителен показател за состојбата на платите, изјави за „Локално“, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Сител Тв
Тој вели дека продуктивноста на македонските работници е блиску до онаа во Бугарија, а повисока од Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија. Но, и покрај повисоката продуктивност во споредба со некои земји платите во Македонија се многу пониски во споредба со земјите од регионот.
Според податоците од Меѓународната организација на труд продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 долари по одработен час, односно 1.768 денари. Ова покажува дека македонскиот работник создава околу 297.024 денари вредност месечно, а преку минималната плата од 24.379 добива само околу 17 отсто од таа создадена вредност.
-Ова јасно укажува дека не станува збор за економска немоќ, туку за неправедна распределба на вредноста меѓу трудот и профитот. Во периодот од јануари 2024 до јануари 2026 гоидина, синдикалната минимална кошница порасна од 57.163 на 66.413 денари, што е зголемување од 9.250 денари, односно над 16,2 отсто. Тоа значи дека трошоците за основните животни потреби растат побрзо од платите, а минималната плата сè повеќе ја губи својата реална вредност. Во месец мај 2025 година евидентирани се 509.960 работници со пресметана и уплатена нето плата од кои 374.045 работници или 73,3 отсто од работниците примиле плата под просечната плата, а 135.915 работници или 26,7 отсто од работниците примиле плата над просечната плата, вели Трендафилов.
Овие бројки повторно ја отвораат дебатата за ефективноста на контролите и за потребата од построги мерки против работодавачите што ги заобиколуваат законските обврски.
Б.С.