Работниците не се прашуваат: Во оваа европска земја ќе се работи 6 дена

од Vladimir Zorba
1,5K прегледи

Речиси во сите европски земји целта е да се има пократка, четиридневна работна недела, но во Грција владата одлучи да ја продолжи неделата на 6-ти работен ден – ако тоа го сака работодавачот, а никој не ги прашува работниците било што.

Новиот закон во Грција требаше да стапи на сила веќе на 1 март, но поради стравувањата за тоа што ќе значи на изборите за Европскиот парламент, владата на Киријакос Мицотакис го одложи неговото стапување во сила.

„Со овој закон дефинитивно умира принципот на петдневната работна недела“, вели Арис Казакос, пензиониран професор по трудово право од Солун.

Тој закон му дава овластување на работодавачот само да му наложи на својот вработен да работи уште еден ден во неделата, иако со обврска да плати додаток. Работникот нема право да одбие да работи подолго, што значи подолго и вкупно работно време, пишува Дојче веле.

Грчките работодавци се жалат дека не можат да најдат работна сила, па мигрантите се барани и во фабриките. Но, главното прашање е платата: работат 12 часа дневно, шест дена во неделата – за околу 1.500 евра.

Кога станува збор за часовите на посветеност кон работодавецот, Грците се меѓу највредните во Европа: според Евростат, тие треба да поминуваат 41 час неделно на работа. Истовремено, според минималната плата од 830 евра, Грција е само на 15. место како членка на Унијата, пренесе Пословни дневник.

Владата новиот закон го објаснува со зголемените проблеми на пазарот на труд поради недостигот на работна сила, па на работодавачите им се дава можност да ги користат оние што веќе ги имаат. Но и тоа е сосема погрешен став, предупредува Казакос. Имено, подолгото работно време и поголемиот притисок неминовно значат и повеќе несреќи при работа – а тоа веќе се случува во Грција под оваа влада. Во 2022 година имало 104 смртни случаи на работното место во целата земја, лани оваа бројка се искачила на 179.

Слични содржини