Работниците денеска во парк или на гости, а не како досега зад трговската каса

од Берта Китинска
519 прегледи

Во ССМ не го кријат задоволството од фактот дека дури 92% од работниците денеска останаа дома. Многумина од нив, прв пат по повеќе од две децении ќе бидат заедно со семејствата на неделниот ручек, ќе можат да посетат пријатели, да одат на излет. Останатите 8 % од работниците кои се во дејностите во кои не може да се прекине работниот процес, ќе добијат додатокот на плата за работа во недела во износ од најмалку 50% , додека дневницата на вработените кои се ангажирани во трговијата ќе биде за 100 проценти поголема .

Од ССМ во изјава за Локално.мк посочуваат и уште една, дополнителна придобивка на измените на Законот за работни односи .

„Измените значат и подобра контрола на работното време и прекувремената работа, односно работникот кој нема да работи во недела ќе знае дека може да работи околу 4,5 месеци прекувремена работа неделно по 8 часа, останатите 7,5 месеци мора да работи 40 часа неделно 5 дневна работна недела па така и сабота е неработен ден, а покрај додатокот на плата за прекувемени часови +35 %, ќе добие и бонус плата за прекувремена работа над 150 часа’’велат од ССМ.

Тргнувајќи од претходните искуства во кои одредени работодавачи на секој начин успеваа да ги заобиколат правилата и тоа секогаш на сметка на работниците, Синдикатот како особено значаен го посочува фактот дека Државниот инспекторат за труд многу поефикасно ќе спроведува контрола во дејностите кои се во исклучоците поради малиот број на дејности кои ќе работат во недела. Увид ќе може да врши секој граѓанин и работник, а потоа да пријави неправилности до ССМ и ДИТ.

Иако задоволни од постигнатото, синдикалците посочуваат и на две пропуштени прилики: Неисполнувањето на нивното залагање да биде многу помал опфатот на дејностите кои ќе бидат во исклучоците како и неприфаќањето на предлогот слободниот ден за оние работници кои работат во недела задолжително да биде денот пред или после денот недела во кој работникот работи.

Покрај ограничувањето за работа во недела во трговијата на големо и мало, ограничено е и работењето во празник што значи дека веќе ниту еден работодавач (освен во утврдени исклучоци) покрај тоа што нема да смее да работи во недела нема да смее да работи ни во празник.

“Ова е од причини поради кои работниците токму во трговијата беа најмногу експлоатирани од страна на работодавачите на празник, а за тоа или не им го исплаќаа додатокот за работа во празник утврден во ОКД за приватниот сектор во висина од +150% или пак им исплаќаа некој симболичен износ или пак 50% што беше незаконски и на таков начи на грбот на работниците се богатеа’’, децидни се во ССМ.

Покрај моловите, предвидени се уште неколку исклучоци од ограничувањето за работа во недела. Во рамки на трговијата на мало, тие се однесуваат на специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места, во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун, во продавници, киосци и штандови во трговските центри со минимум 8.000 квадрати, на штандови и киосци за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и на зелените пазари.

К.В.С.

Слични содржини