Најавата дека законот за субвенционирање на февруарската и мартовската плата е ставен како една од точките на дневен ред на собраниската седница на 23 март беше долгоочекувана, па оттука и дочекана како чекор направен во последен момент.
Вообичаено спротивставени во однос на речиси сите прашања, работодавачите и синдикатите овој пат имаат ист став- „Редно беше“. Во доцнењето препознаваат политичка заднина која е како што велат недозволива бидејќи става на коцка многу човечки судбини.
Законот за финансиска поддршка треба што поскоро да се донесе вели претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров.
„Би бил среќен доколку тоа е заеднички став на власта и на опозицијата. Од огромна важност е да ги стават државните интереси над партиските бидејќи станува збор за работниците, за нивниот и животот на нивните семејства. Без плата овие луѓе ќе останат на улица, а на овој начин државата ќе се соочи со ситуација во која тие веќе нема да можат да го полнат буџетот и фондовите туку ќе станат социјални случаи“, вели Димитров.
Имајќи го предвид фактот дека веќе се доцни со субвенцијата за исплата на плати тој укажува дека во законот ќе мора да се предвидат нови рокови кои ќе траат до 15 април. Ова, според него значи дека ќе мора да се пролонгираат роковите за аплицирање за да можат компаниите до УЈП да поднесат исправка на образецот за февруари.
„Доколку не се дадат овие можности, и покрај изгласувањето на законот нема да можат да се испочитуваат роковите за исплата на февруарската плата“, предупредуваат работодавачите.
Сличен став имаат и во Сојузот на синдикати на Македонија. Потсетуваат дека секое одолговлекување значи сериозни штети и последици по егзистенција на работниците и нивните семејства.
„Апелираме до сите политички субјекти да се охрабрат и да излезат во пресрет на работниците, да ги исполнат ветувањата кои ги имаа дадено на барањата на работниците, вклучително и обезбедување на финансиска поддршка за исплата на платите, која во изминатиот период беше воведена на барање на ССМ, а со тоа се покажа дека се зачуваа работните места на нашите колешки и колеги особено во нај погодените сектори како што тоа е во угостителството, туризмот, текстилот, градежништвото и други дејности“, вели Слободан Трендафилов од ССМ.
Посочува дека во моментов економскиот удар најмногу се чувствува кај овие дејности, но дека лесно и брзо може да премине и кај другите.
Затоа според ССМ, потребно е и во наредниот период сите да придонесат и здружени со иста цел да се зачуваат работните места и да се обезбеди плата за најпогодените работници во оваа здравствена криза.
„Се работи за човечки судбини, не смее да се дозволи овие луѓе да останат без работа“, потсетуваат во ССМ.
Според податоците на Здружението на текстилна и кожарска индустрија, лани без работа останале 3.000 луѓе вработени во овој сектор а на уште 20% им се закануваат отпуштања. Лошиот тренд според Димитров ќе продолжи со пад на продажбата за 50 % и дополнително откажување на нарачките.