Работодавачите алармираат – доколку не продолжи субвенционирањето на придонесите, можно е да се намалат платите на дел од работниците

од Берта Китинска
488 прегледи

Работодавачите сеуште чекаат одговор од Владата на иницијативата што ја поднесоа за продолжување на важноста на Законот за субвенционирање на придонесите за социјално осигурување по основ на зголемување на плата и по 31 октомври. Овој закон беше донесен во ноември 2019 г. со идеја да се мотивираат фирмите да ги покачат и повисоките плати а не само минималната плата. И тоа се случи. Според статистиките просечната плата од ноември 2019 г. до јули 2022 г. е зголемена за 23 % а за истиот период за 24% се покачи и минималната плата.

Сигурен сум, дека ако не постоеше овој закон, тогаш просечната плата нема да можеше да го прати растот на минималната плата со што подобрите и подобро платените работници ќе беа дискриминирани во однос на работниците кои земаат минимална плата, вели за Локално, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Износот на субвенциите се разликува од работодавач до работодавач во зависност од тоа дали и колку работодавачот ги покачил платите на работникот. Тие според Димитров, во овој период се движат од 10 до 15% од пресметаните придонеси или околу 5% од вкупната бруто плата.

Во случај да не биде прифатено барањето на работодавачите и законот престане да важи, новата ситуација според нивните очекувања ќе ги зголеми трошоците во работењето што може да се одрази на редовната исплата на платите и запирање на растот на месечните примања.

Евентуалното непродолжување на законот наеднаш ќе ги зголеми трошоците за плата на компаниите за околу 5%, што во овој момент на енергетска криза би било додатно оптоварување на фирмите. Со ограничувањето од 6.000 денари по работник не постои можност за големо зголемување на трошоците од буџетот за оваа намена.Покрај зголемените трошоци за плати по престанокот на законот, може во ваква тешка состојба да се јави и намалување на платите на некои работници кои досега имале субвенционирани придонеси, што не е добро ниту за работниците ниту за работодавачите, потенцира Димитров.

Дека законот за субвенционирање на придонеси по основ за зголемување на плата ја исполни целта за која беше донесен, согласна е и извршната директорка на институтот за економски истражувања Finance Think, Благица Петрески но нужно потребно вели таа е да се направи редизајн на субвенциите.

Овој закон беше донесен за да главно се помогне во формализацијата на „платата во плико“ која Finance Think во 2017 година ја процени на околу 18%, а кај примателите на минимална плата беше проценета на флагрантни 69%, што значи дека беше голема групата на работници кои се само формално-правно осигурани на минималец, а додатокот им се дава „на рака“, за да се избегне плаќањето на данокот и придонесите. Значи, дел од растот на просечната плата којшто го гледавме во претходните три години, и особено во 2020 која беше година на пандемија, се должеше токму на субвенционирањето на придонесите, што овозможи формализација на дел од тековите на плата. Ова е секако позитивен исход, меѓутоа оваа субвенција во својот обем е втора по големина во земјава, близу 40 милиони евра годишно, веднаш по земјоделските субвенции чиј обем е околу 120 милиони, објаснува Петрески.

Главен ризик според неа е можноста евентуално формализираните текови повторно да се деформализираат, односно да станат дел од неформалната економија за што веројатноста се зголемува во време на криза и растечки даноци.

Оттука, за да резултатите од мерката, која е скапо платена, се одржат, неопходно е зајакнување на административните контроли и воопшто робустен и зајакнат пристап на надлежните инспекторати, примарно УЈП и инспекторатот за труд. Што се однесува до продолжување на мерката, мојот став е дека целокупниот пристап кон субвенциите треба да се промени, односно тие да се ре-дизајнираат од општи субвенции со социјален карактер кон субвенции кои поддржуваат конкретни исходи со развоен карактер, децидна е Петрески.

K.В.С.

Слични содржини