Шефот на бугарската држава, Румен Радев остварил средба со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, на самитот на Европската политичка заедница кој се одржува во Молдавија. Како што информираат од прес-службата на бугарскиот претседател, Радев изразил благодарност за навремената реакција и одлучната поддршка од ЕП за бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кому на почетокот на мај годинава му беше забранет влез во Македонија.
-Претседателот Радев истакна дека овој чин е спротивен на европските принципи и покажува непочитување на претставник на институција на ЕУ. Шефот на државата изјави и дека ова не е изолиран случај во кој РСМ ги нарушува добрососедските односи, рекол Радев, пренесува „БТА“.
Се додава дека „како особено алармантен развој на ситуацијата во Македонија, Радев ги издвои јавните изјави на високи претставници на државата за подготвените црни списоци за бугарските граѓани, вклучително и политичарите, на кои им е забранет пристапот до територијата на РСМ“.
-Овој пристап го покажува непремостливото наследство од тоталитарното минато и ја открива потребата од суштински реформи во земјата за да се надмине, ѝ кажал Радев на Мецола, објавиле од прес-службата.