Радев, Бегај и Мицотакис понудија помош по трагичниот пожар во Кочани

од Vladimir Zorba
49 прегледи

Бугарија ја споделува болката на граѓаните на Република Северна Македонија за пожарот во Кочани, во кој загинаа и беа повредени многу луѓе, напиша на Х бугарскиот претседател Румен Радев.

Шефот на бугарската држава разговарал со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и изразил сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски.

– Во контакт сум со премиерот Жељазков и Бугарија е подготвена да пружи медицинска помош, изјави Радев.

Албанскиот претседателот Бајрам Бегај изрази сочувство по повод трагичната несреќа што се случи во дискотека во Кочани во која загинаа над 50 лица, а стотици се повредени.

– Моето искрено и длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски и до сите граѓани во нашата соседна пријателска земја. Моите молитви и молитвите на албанскиот народ се упатени кон повредените, тие брзо да закрепнат и болката во градот Кочани да не се зголемува, напиша Бегај во објава на Х.

Сочувство за загубените животи и подготвеноста на Грција да помогне по трагедијата во Кочани, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку платформата Икс.

– Искрено сочувство до народот на Северна Македонија за загубените животи во трагичниот пожар во Кочани. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време, напиша Мицотакис.

Слични содржини