„Бугарија мора постојано да внимава на она што се случува во Република Северна Македонија и на нејзиното континуирано лобирање во сите европски престолнини и во сите европски институции“. Ова го изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев пред новинарите на аеродромот „Васил Левски“ во Софија пред да замине во официјални посети на Казахстан и Узбекистан. Неговиот коментар е во врска со одложувањето на гласањето за извештајот за напредокот на Македонија кон членство во Европската Унија.
-Во овој извештај има над 31 средба со македонската страна од Комисијата што го подготвува извештајот, а само една средба со бугарските претставници. Ова е многу индикативно, вниманието мора да се обрнува цело време, истакна шефот на бугарската држава.
-Поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски рече дека архитектот на пристапот кон земјата сум јас. Нема начин да се преговара со мене кога станува збор за бугарскиот национален интерес, додал Радев, пренесуваат бугарските медиуми.
Бугарскиот претседател вели дека би сакал сегашните власти во неговата земјата да го бранат нашето национално прашање во врска со Македонија на ист начин, како што вели, како што тој го бранел две години. Радев истакна дека е многу добро што постои единство по оваа тема – и во бугарскиот парламент и меѓу сите нивни претставници во Европскиот парламент.
-Се надевам дека тие многу јасно ќе се заложат за нашата национална кауза во врска со Македонија, порачал Радев.
Минатата недела, Народното собрание на Бугарија едногласно усвои декларација во врска со процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија. Одлуката беше едногласно поддржана со 194 гласови „за“. Во одлуката, поднесена од Тошко Јорданов од партијата Има таков народ и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Македонија исто така строго да ги спроведуваат договорите што ги презедоа.
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент се согласи претходно оваа недела да го одложи гласањето за извештајот за Македонија по предлог на известувачот Томас Вајц. Гласањето во комитетот е закажано за 24 јуни, а во пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур во јули.