Радев: Бугарија не прифаќа изјави и однесувања што се во спротивност со Договорот за пријателство со РС Македонија

од Nikola Popovski
532 прегледи

Бугарија не прифаќа изјави и однесувања што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и со другите меѓународни договори што ги има потпишано Република Северна Македонија (РСМ). Ова е посочено во ставот на претседателот на Бугарија, Румен Радев по повод завршената изборна кампања во Македонија и церемонијата на инаугурација на новата претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова.

-Бугарија постојано и јасно го кажа својот став дека договорите мора да се исполнат, истакнал Радев.

Тој потсетил дека Македонија е членка на НАТО, од која произлегуваат соодветните должности и одговорности.

-Убеден сум дека европската перспектива на РСМ зависи од строгото исполнување на меѓународните договори во кои е страна, како и оние одобрени од Европскиот совет во јули 2022 година. Преговарачката рамка со ЕУ, како информација за одговорните институции во РСМ, нема да биде ревидирана, се додава во соопштението од прес-службата на бугарскиот претседател.

Новоизбраната претседателка, Гордана Силановска-Давкова вчера ја презеде функцијата, откако положи заклетва во Собранието. Таа кога положи заклетва рече „Изјавувам дека совесно и одговорно ќе ја извршувам функцијата претседател на Македонија“. Силановска и во својата предизборна кампања неколку пати изјави дека нема да ја користи придавката „Северна“ во името на државата, што беше сменето со Договорот од Преспа со Грција од 2018 година.