Интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ мора да биде одржлив и неповратен процес и изграден врз реални резултати во исполнувањето на критериумите за членство. Ова го изјавил претседателот на Бугарија Румен Радев во телефонскиот разговор со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, соопшти прес-службата на шефот на бугарската држава.
Радев истакнал дека исполнувањето на критериумите од Копенхаген за членство во ЕУ, обезбедувањето уставни гаранции за почитување на правата на македонските Бугари од страна на РСМ, искоренувањето на говорот на омраза кон Бугарија и Бугарите и зачувување на бугарските културни и историско наследство кај југозападниот сосед, се потребните чекори за патот на Македонија кон обединета Европа.
-Бугарија е отворена за дијалог и очекува конкретни резултати, кои не можат да се земат предвид во преостанатите денови до Европскиот совет овој месец, додал претседателот.
Радев го пофали подоброто разбирање на позицијата на Бугарија во Европската унија и ја истакнал потребата од развивање јасни механизми и мерливи критериуми кои ќе го земат предвид вистинскиот напредок на нашиот југозападен сосед во процесот на европска интеграција и ќе ги почитуваат демократските норми и принципи.
Радев остварил телефонски разговор за европската перспектива на Република Северна Македонија и со сојузниот министер за европски и меѓународни прашања на Република Австрија, Александар Шаленберг.