Претседателите Румен Радев и Франк-Валтер Штајнмаер одржаа работна средба во Стразбур на која беа разменети мислења за безбедносната средина во соседните региони на ЕУ и европската перспектива на Република Северна Македонија.
Шефот на бугарската држава како што пренесува БНТ изразил очекување од Бугарија за активен билатерален дијалог на високо ниво со Република Северна Македонија, во кој ќе се решат спорните прашања во билатералните односи.
Румен Радев посочил дека Македонија треба да покаже европска зрелост и почитување на вредностите на Европската Унија со преземање конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, државните и научните институции, во медиумите, за да се запрат фалсификувањата на бугарското културно-историско наследство и особено за почитување на правата на своите граѓани, кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.
На средбата, меѓу другото се разговарало и за прашањето за влегување на Бугарија во Шенген зоната, за што како што рекол Радев, земјата постигнала техничка подготвеност уште во 2011 година.