Се уште чекаме. Македонската страна треба да одлучи дали има потреба од преземање уште десет лица, изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев пред тамошните новинари пред Амбасадата на Македонија во Софија за евентуално згрижување на повеќе пациенти од земјава.
Вкупно 59 лица загинаа, а 155 се здобија со различен степен на изгореници и повреди по пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за време на концерт на популарниот бенд „ДНК“. Некои од настраданите во пожарот се примени на лекување во Бугарија. 14 од повредените со воено-транспортните авиони „Спартан“ и амбулантни возила од софискиот Итна медицинска помош беа префрлени во бугарските болници.
-Во готовност се авионите и медицинските тимови, така што ќе продолжиме да даваме помош, рекол шефот на бугарската држава додавајќи дека Бугарија е подготвена и ќе продолжи да помага во се што е потребно.
-Бугарија и Република Северна Македонија се во жалост за младите загинати во пожарот во Кочани. Болката за загубата на невини човечки животи е споделена и надежта за брзо закрепнување на жртвите, додал Радев.
-Што е најважно, оваа трагедија покажува дека луѓето од двете страни на границата можеби ќе треба да се потпираат еден на друг, но не само во денови на искушенија како денешните, туку и заради нашата заедничка европска иднина, заклучил бугарскиот претседател.