Претседателот на Бугарија, Румен Радев вчера во Брисел се сретнал со неговиот француски колега Емануел Макрон. Двајцата разговарале за теми од агендата на билатералната соработка и во рамките на ЕУ, соопштила тамошната прес-служба на шефот на бугарската држава. Меѓу темите на разговорот бил и европскиот пат на Република Северна Македонија.
-Институциите во Република Северна Македонија мора со резултати да докажат дека навистина се стремат кон европска интеграција, рекол Радев на средбата.
-Последната антибугарска кампања во Република Северна Македонија, која доведе до голем број злосторства од омраза – подметнување пожар и пукање врз бугарските културни клубови, како и насилство врз македонските Бугари, покренува прашања за улогата и одговорноста на институциите во земјата, нагласил Радев.
Тој потсетил дека и Бугарија и Република Северна Македонија ја прифатија преговарачката рамка предложена во рамките на француското претседателство со Советот на ЕУ, а „вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија е задолжителен чекор пред почетокот на преговарачкиот процес“.
-Забележуваме отсуство на политичка волја за реформи и уставни измени, а наместо тоа во земјата се води уште една антибугарска кампања, истакнал Радев.
Пред два дена Радев разговараше и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Тој меѓу другото, исто така се пожалил на официјалниот претставник на ЕУ за последните тензии и заострување на односите на релација Скопје-Софија.