Европската унија е трансформирачка сила за регионот на Западен Балкан и треба многу поактивно да ги поддржува земјите кандидати во имплементацијата на копехашките критериуми за членство, изјавил бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
Според Радев, процесот на проширување на ЕУ треба да се заснова на афирмација на вредностите на демократијата во земјите кои аплицираат за полноправно членство за да биде одржлив и неповратен.
За време на средбата, шефот на бугарската држава повторно ја спомнал нашата држава и изразил надеж дека Македонија ќе продолжи со имплементација на договорите со Европската унија што е можно поскоро, вклучително и вклучувањето на Бугарите во Уставот, што ќе ја отвори вратата за да се отпочнат преговори за полноправно членство.
-Ваквиот чекор би бил позитивен знак за европската перспектива на целиот регион на Западен Балкан, посочил Радев, пренесуваат бугарските медиуми.
Радев ја изразил подготвеноста на Бугарија за натамошен развој на транспортното, енергетското и дигиталното поврзување со Македонија како реален фактор за унапредување на економската и инвестициската размена, туризмот и слободната комуникација меѓу народите на двете земји.
-Претседателот изрази и очекување за ефективен ангажман на институциите кај нашиот југозападен сосед за промена на односот кон бугарската заедница во земјата, ефикасно искоренување на јазикот на омразата кон Бугарија и вистински контрамерки против злосторствата од омраза врз локалните Бугари, информирале од прес-службата на Радев за средбата со Сарацин.