Бугарскиот претседател Румен Радев од Загреб, Хрватска, каде што е во официјална посета, нагласил дека Бугарија нема да се откаже од заштитата на правата на Бугарите во Македонија. Тој порачал дека „Македонија сама се заглави на патот кон Европската Унија затоа што не сака да ги исполни критериумите за членство“.
„Сè уште чекаме Република Северна Македонија да исполни еден јасно напишан услов што би ја отворил вратата за почеток на преговорите – тоа е гарантирање на рамноправноста на Бугарите во оваа земја преку нивно вклучување во Уставот заедно со другите државотворни народи“, рекол Радев, пренесува „БНР“.
Претседателот на нашиот источен сосед бил категоричен дека Бугарија не поставува никакви нови услови надвор од веќе договорените.
„Но, ние инсистираме да се почитува сè што е договорено“, кажал Радев за време на прес-конференцијата со неговиот домаќин, Зоран Милановиќ.