Радев по средбата со Сиљановска: С.Македонија да не губи историско време за членството во ЕУ

од Nikola Popovski
75 прегледи

„Двете претседателски институции покажуваат дека е можен дијалог кој може да придонесе за развој на добрососедство меѓу нашите две земји“. Ова го изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев пред новинарите во Баку, Азербејџан по средбата со шефицата на македонската држава, Гордана Сиљановска-Давкова. Двајцата разговарале на маргините на климатската конференција на ОН, КОП 29.

„Ова е моја трета средба со претседателката Силјановска и мислам дека тонот на односите, конструктивниот дијалог, прагматичен дијалог, отворениот дијалог што го поставуваме со неа треба да го усвои Владата на Северна Македонија“, додал Радев во изјава за медиумите.

Според бугарскиот претседател, Софија очекува од македонската Влада и Собранието да спроведат се што е вклучено во преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство, за, како што вели, С.Македонија да не губи историско време за своето членство.

Тој истакнал и дека не е проблемот само со навремено внесување на Бугарите во Уставот. Изразил надеж дека Владата во Скопје ќе соработува со државните медиуми за да не се гледа говор на омраза.

Радев додал дека со претседателката Сиљановска е договорено во вакви ситуации да се разменуваат информации за присуство на говор на омраза во националните медиуми.

„Разговорот се одвиваше во конструктивна атмосфера и беше разговарано за потребата од унапредување на билатералните односи, надминување на отворените прашања меѓу двете страни, како и можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од заемен интерес“, соопштија претходно од Кабинетот на македонската претседателка за заедничката средба во Азербејџан.

Слични содржини