Бугарскиот претседател Румен Радев порачал дека Бугарија е главниот мотор на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија и дека главен критериум за поддршка ќе биде положбата на бугарското малцинство во земјите.
„Бугарија е главниот мотор на европската интеграција на Западен Балкан затоа што сме свесни колку е важна оваа интеграција за безбедноста, стабилноста и одржливиот економски развој на регионот, но ние цврсто се држиме до принципот на индивидуална заслуга во тој процес. за да биде одржливо и неповратно“, рекол Радев.
Радев ова го изјавил при одликувањето на основачот и претседател на информативниот центар на бугарското национално малцинство во српскиот град Босилеград, Иван Николов, пренесе агенцијата „БТА“.
„Главен критериум за оценување на напредокот во тие земји и наша поддршка ќе биде позицијата на нашите сонародници во секоја од тие земји – условите за нивниот економски и социјален развој и, пред сè, способноста да го бранат својот национален идентитет, јазик, културен и историска меморија“, потенцирал Радев.
Тој навел дека лично, заедно со потпретседателката Илијана Јотова, активно ќе работат на обезбедување единствена и јасна бугарска политика за поддршка на Бугарите во другите земји.
Радев е дециден дека активно ќе соработува со српските власти за да се решат проблемите на „нивните сонародници во западните региони“.
Според образложението, орденот му бил доделен на Николов за доследна и непоколеблива заштита на правата, националниот идентитет и достоинството на Бугарите во Србија.