Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека нема потреба од посредување во разговорите меѓу Скопје и Софија за продолжување на преговорите на земјата со ЕУ.
Прашан да ја коментира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека е подготвен да преговара со бугарскиот претседател, Радев рекол дека секогаш бил отворен за дијалог, но, според него, треба да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.
„Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол за Договорот за добрососедство. Ако зборуваме за дијалог, тој треба да се развива меѓу Северна Македонија и Европската комисија врз основа на прифатената преговарачка рамка за Северна Македонија, која беше едногласно одобрена од сите земји-членки на ЕУ и прифатена од Владата на Македонија“ , изјавил Радев, пренесуваат бугарските медиуми.
Според него, работите се повеќе од јасни и „Македонија мора да ги исполни барањата поставени од Европската Унија и Бугарија“.
„Ќе повторам дека подготвени сме и мора да помогнеме. Ова е наша одговорност, а тоа е да и помогнеме на Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите нотирани во билатералниот протокол и во преговарачката рамка, за да може посигурно да чекори по европскиот пат“, посочил бугарскиот претседател.
На иницијатива на Макрон, во јули 2022 година беше изготвен францускиот предлог за надминување на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Но, блокадата остана, бидејќи францускиот предлог, меѓу другото, предвидува Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот.