Радев се надева дека Македонија ќе покаже политичка волја и ќе го отвори својот пат кон ЕУ

од Nikola Popovski
226 прегледи

Претседателот на Бугарија, Румен Радев изразил надеж дека македонскиот државен врв наскоро ќе покаже политичка волја за спроведување на европскиот консензус од 2022 година, поточно внесувањето на Бугарите во Уставот со што ќе го отвори патот на земјата кон преговори за полноправно членство во ЕУ. Шефот на бугарската држава телефонски разговарал со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и Западен Балкан, Мирослав Лајчак. Ова го соопштиле од прес-секретаријатот на Радев.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, двајцата разговарале за аспектите на евроинтегративниот процес на земјите од регионот.

-Радев и Лајчак го истакнаа приоритетното значење што Европската комисија и го придава на темата за проширување на ЕУ, што му овозможува на Западен Балкан да напредува во исполнувањето на критериумите за членство. Шефот на бугарската држава изрази благодарност за напорите на Лајчак за европската интеграција на земјите од Западен Балкан и ја истакна неговата објективна проценка за различните проблеми во регионот и конструктивниот пристап за нивно решавање, стои во соопштението.

Македонија ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ на 22 март 2004 година и официјално доби статус на земја кандидат на 17 декември 2005 година. Македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава. Софија во летото 2022 година го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав. Сепак, нашата земја се уште не ја одржа Втората меѓувладина конференција со ЕУ бидејќи уставните измени не се усвоени.

Слични содржини